Идејата за совршено егзистирање отсекогаш била присутна во човековата мисла. Религиите ја користат како цел и ветена награда која ќе ја добијат верниците доколку ги следат нивните правила и заповеди а повеќето општества како цел која треба да се достигне. Во речиси сите облици во кои утопијата е замислена, во поголемиот број случаи секогаш одлучувачкиот фактор за тоа дали е можна или не, како и тоа што е нејзина пречка е насочен кон општеството и останатите луѓе. Ретко кој гледа одлучувачки фактор во себе, или поточно кажано во разбирањето на сопствените потреби, нивната природа и нивната смисла. Задоволството како двигател само по себе има еден недостаток кој го убива токму тоа што на човечкиот живот му дава смисла. Живот во кој нема ништо освен задоволство е живот во кој нема пречки и тешкотии, а тоа само по себе станува проблем, бидејќи без нив таквиот живот нема ни предизвици, без предизвиците ни животот нема смисла. Ако замислиме хипотетичка ситуација каде се што посакуваме се исполнува, не е многу тешко да сфатиме дека после одреден период тоа што на почетокот изгледало совршено, почнува да станува секојдневие, вообичаено искуство. Средбата на контрастите ја раѓа Смислата, за да знаеш што е денот, треба да ја видиш ноќта! За да знаеш што е среќа, треба да ја искусиш и нејзината спротивност. Најдобар секојдневен пример за тоа се богатите и славни личности. Од гледна точка на некој просечен човек, тие воопшто немаат причина да се жалат, да бидат депресивни и слично. Но реалноста го кажува токму спротивното. И покрај нивното богатство и слава, сепак не се ништо поразлични од останатите кога станува збор за депресиите, разочарувањата и слично. Кога ќе го сфатиме овој факт, сфаќаме и дека утопијата независи од останатите, туку од нас! Никој неможе да те повреди ако тоа ти не го дозволиш. Како ќе те повреди, ако знаеш дека тоа е само еден предизвик повеќе што ќе му даде поголем квалитет на твојот живот? Тоа е моментот кога сфаќаме дека одлучувачкиот фактор за тоа дали ќе ја спознаеме утопијата – совршенството, не е некаде надвор, дека не зависи од волјата на другите, туку од нас, нашата прецепција на нештата! Знаејќи го тоа дека се е дел од големиот мозаик на Искуството, како можам да кажам дека утопијата не е можна? Дали тоа не е само илузија предизвикана од желбите кој се производ на суетата? Дали утопијата не ја гледаат само оние што следејќи ја неконстантноста на желбите, останале слепи пред фактот дека секое искуство е драгоцено?
Зашто јас сум раздвоена поради љубовта, за можност на соединување. Тоа е создавање на светот, така што болката на раздвоеноста е како ништо, а радоста на растопувањето се.
Запомнете сите вие дека постоењето е чиста радост, дека сите таги се само како сенки, тие поминуваат и завршуваат, но постои нешто што останува. (Liber Al).