Една од насоките во кој човечката филозофска мисла го гледа усовршувањето на човештвото е идејата за трансхуманизмот каде луѓето ќе ги усовршат и подобрат своите физички и ментални капацитети, користејќи ги сите технолошки и научни потенцијали. Во трансхуманистичкиот светоглед, човечкото тело е симбиоза од биомеханика која му дава речиси незамисливи перформанси и можности. Но дали човештвото гледано од оваа сегашна перспектива е созреано за да направи еден таков чекор? Дали можеби празнината во тоа “созревање” може да ја пополни создавање на вештачка интелегенција, која ќе го води човештвото? И која е гаранцијата дека таа нема да го види човекот како паразит кој треба да биде уништен? Човештвото во својата еволуција ги минува истите фази како и поединецот. Индивидуа која не созреала, неможе да се смета за одговорна. Токму затоа сметам дека прва фаза во трансхуманизмот мора да биде интелектуалното созревање и обединување на човештвото – унификација или редефинирање на моралот, етиката и системот на вредности. Фаза во која ќе треба да биде надминат концептот за нации, држави, раси и религии.
Таа фаза не смее да се прескокне. Во услови како сегашниве каде причина за конфликти се токму тие неусогласени вредности, тоа би било еквивалент на давање експлозив на дете да си игра со него.
Ако луѓето се здобијат со поголема моќ, станувајќи подолговечни, поиздржливи, поотпорни на сите дотогашни проблеми, а останат на исто интелектуално ниво, со истите несредени критериуми врз кој ги базираат своите вредности, тогаш само ќе имаат можност повеќе за полесно да се уништуваат меѓу себе.
Што се однесува до креирањето на вештачка интелегенција која ќе биде интелектуално понадмоќна од човечката, според мене тоа е крајно самоубиствена идеја. Подобро да се истражува и унапредува човечката интелегенција, нејзината природа и суштина, отколку да се создава вештачка која би била потенцијален противник на човештвото.
Таквите идеи се резултат на “одење по пат на помал отпор”, барање начини некој или нешто друго да ни ги решава проблемите. Од досегашното искуство, лесно е да се забележи дека луѓето многу брзо стануваат зависни од технологијата, а тоа ги потиснува природните способности на луѓето. Ние сме продукт на еволуцијата а таа има една заедничка особина за сите нејзини креации – тоа што не го користиш, го губиш. Колку од децата кој користат калкулатори знаат таблица множење? Колку телефонски броеви на ваши пријатели знаете напамет?
Ако ја увидиме оваа зависност, може да замислиме какви ќе бидат последиците да се стане зависен од интелегенција која ќе биде надмоќна и ќе нема логична причина за да не го елиминира човештвото.
Трансхуманизам
23 понеделник Јул 2012
Posted Филозофија
in